| Интернационален гимнастички куп Бар 2010 |
|
|
|
По 30-годишна пауза, Црногорската гимнастичка
федерација правејќи напори за возобновување на гимнастиката реши тоа да го
направи на голема врата со организирање на интернационален натпревар во Бар.
Натпреварот се одржа на 11-ти јули во прекрасната спортска сала Тополица под
името Интернационален гимнастички куп
Бар 2010.
На натпреварот беа поканети да присуствуваат со свои претставници гимнастичките федерации на поранешните југословенски републики. Иако пријавени и предвидени да учествуваат, учесниците од Босна и Херцеговина во последен момент го откажаа своето учество заради тоа што 11-ти јули беше прогласен за ден на жалост во сеќавање на починатите во масакрот кај Сребреница. Федерацијата на гимнастички спортови на Македонија со цел да покаже дека е подготвена да соработува на развојот на гимнастиката и пријателските односи со сите гимнастички федерации во светот, испрати своја делегација во Црна Гора предводена од Генералниот секретар, Весна Поповска. Боите на нашата држава ги бранеа трите гимнастичарки: Емилија Јовеска (КГС Партизан - Прилеп), Стефани Спиркоска (КГС Партизан -- Прилеп) и Љубица Илијевска (КГС Партизан – Битола), предводени од тренерот Златко Ангелески. Во делењето на правдата како главен судија на натпреварот учествуваше Мира Трајчевска Петровска. На натпреварот настапија 30-тина гимнастичари поделени во три категории. Во категоријата до 12 години најуспешни беа гимнастичарките од Македонија кои ги освоија првите три места со следниот редослед: 1. место - Емилија Јовеска 2. место - Стефани Спиркоска 3. место - Љубица Илијевска
На крајот на натпреварот беа прогласени и најдобра гимнастичарка и најдобар гимнастичар на Интернационалниот гимнастички куп Бар 2010. За најдобра гимнастичарка беше прогласена Емилија Јовеска од Македонија, додека за најдобар гимнастичар Иван Вујошевиќ од Црна Гора. Натпреварот имаше и свој ревијален дел во кој настапија, Александра Писотска, вицешампионка на Украина во акробатска гимнастика и Далија Дуровиќ, најмладиот член на гимнастичкиот клуб Приор од Бар, на само 3-годишна возраст.
ЕМИЛИЈА ЈОВЕСКА ПРОГЛАСЕНА ЗА НАЈДОБРА ГИМНАСТИЧАРКА НА
Емилија Јовеска на Интернационалниот гимнастички куп Бар 2010 со својата вежба на партер ги освои срцата на публиката и на присутните гимнастичари во салата. Нејзината изведба беше проследена со силен аплауз. На крајот на натпреварот со право беше прогласена и за најдобра гимнастичарка на Интернационалниот гимнастички куп Бар 2010, за што доби и пехар. Интервју со Емилија Јовеска беше снимено и прикажано од страна на НТВ Монтена. За нејзиниот успех, како и за успехот на другите две репрезентативки честитки и пофалби пристигнаа од страна на сите учесници на натпреварот, организаторите, како и случајните минувачи по улица кои ги препознаваа нашите гимнастичарки.
Овој натпревар и престојот во Црна Гора беше добро искористена прилика за промоција на македонската гимнастика на секој можен начин. На нашите гимнастичарки им честитаме за успехот и им посакуваме да продолжат на ваков начин да ја афирмираат Република Македонија и гимнастиката надвор од државните граници.
Статијата е прочитана: 146 . Powered by AkoComment Tweaked Special Edition v.1.4.6 |
||||
| < Претходно | Следно > |
|---|

15°C
11°C
19°C 











